Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

Активности

Доделена Националната награда за најдобри општествено одговорни практики во 2012 г.

На 23 април 2013 г., Министерството за економија на РМ заедно со националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата (ООП) по шести пат ги доделија наградите за најдобрите општествено одговорни практики на македонските претпријатија. Најдобрите две практики на претпријатијата ќе бидат претставени на европско ниво во склоп на иницијативата поддржана од Европската комисија – „Европски систем за наградување на општествената одговорност на претпријатијата“.

Годинава има најмногу пријавени проекти (66) и најголем број на компании учесници во последните 5 години. Државниот секретар при Министерството за економија, Анче Трифунов, изрази задоволство од фактот што над една третина од компаниите што доставија свои апликации, го прават тоа за првпат. „Ова е потврда дека Наградата ја постигнува целта – да го прошири кругот на деловни субјекти што настојуваат да работат одговорно кон животната средина и социјалното опкружување“, истакна Трифунов. Според Оперативниот раководител на Делегацијата на Европската комисија во РМ, г. Мартин Клауке, ООП претставува формула за конкурентна, иновативна и социјално инклузивна Европа. „Резултатот од годинешниот интерес на компаниите е јасен индикатор дека ООП се прифаќа како стратешки пристап за создавање на конкурентна економија“, смета Клауке.

„Дури 70 отсто од апликациите на компаниите се поднесени во партнерство со здруженија на граѓани, установи или државни органи, што покажува дека нашите претпријатија развиваат системски пристап кон општествената одговорност“ – истакна Александар Николов, претседател на Координативното тело за ООП.

Церемонијата за доделување на наградата се одржа во х. Александар Палас во присуство на над 200 претставници на деловната заедница, државните институции и граѓанскиот сектор, и побуди голем интерес кај медиумите.

За првпат Наградата ги надмина националните рамки станувајќи дел од иницијативата поддржана од Европската комисија – „Европски систем на наградување на општествена одговорност на претпријатијата“. Со учеството во оваа иницијатива, која во Македонија ја спроведува Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит, дел од достигнувањата и најдобрите практики на нашите претпријатија во оваа област ќе бидат претставени пред широката европска јавност. Претставникот на ЕУ во Македонија ги врачи европските награди на Раде Кончар – Сервис и Млекара АД Битола, чии партнерски проекти добија најмногу бодови од жири комисиите. Истите ќе бидат претставени на европска церемонија на 25 јуни во Брисел, што ќе придонесе за натамошно промовирање на домашните претпријатија на пазарот на ЕУ како најголем трговски партнер на Македонија. Раде Кончар – Сервис со Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи создаде Регионален Еколошки Центар за отстранување на штетни состојки во трансформаторското масло, прв на Балканот, со што придонесоа за остварување на обврските од Стокхолмската конвенција за перзистентни органски загадувачи и соодветниот Национален имплементационен план. Млекара АД Битола со Дану Филантропија ЈИЕ Скопје, реализираа едукативни и активности за поттикнување на хуманоста и помагањето во заедницата во 150 градинки со што беа опфатени 10 000 деца. Овие деца изработија уникатни подароци за децата згрижени во над 20 здравствени установи и установи за деца без родители.

Компаниите конкурираа во пет категории, при што останатите наградени практики се на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија во категоријата однос кон вработените, Раде Кончар ТЕП во категоријата етичко управување, КБ Прво пензиско друштво и Цементарница Усје во категоријата односи на пазарот, Македонијатурист во категоријата однос кон животната средина, КА-ДИС во категоријата вложување во заедницата. Уште 18 други практики станаа добитници на плакети за успешно спроведени проекти. Наградените се избрани од страна на стручни жири комисии составени од претставници на јавниот и граѓанскиот сектор.

Целта на наградата е да промовира позитивни практики на општествено одговорно делување и да инспирира за воведување и понатамошно унапредување на општествена одговорност кај претпријатијата во Македонија. Годишната национална награда првпат се додели во 2008 година, за практики спроведени во 2007 г., а годинава беа наградени практики спроведени во 2012 г. Низ годините македонските претпријатија пријавија над 350 добри практики со кои ја демонстрираа својата одговорност кон животната средина и кон општеството.

Назад